
Многумина го сметаат перфекционизмот за позитивна особина – нешто со што треба да се гордееме. И тоа е во ред, се додека се работи за оној здрав стремеж кон подобрување, додека сме спремни на адаптација, отпорност и самосочувство. Но, што се случува кога тоа преминува во опсесија? Кога постојаното тежнеење кон совршенство всушност не ни носи добро?
Како го препознаваме перфекционизмот?
Во последниве години, се чини дека има сѐ повеќе и повеќе психолошки термини кои се појавуваат: перфекционизам, гаслајтинг, прекумерна допаминска конзумација… Дали овие состојби одеднаш настанаа, или едноставно не се зборуваше за нив порано?
Состојбите можеби од секогаш постеле во некоја мера, но поради брзите и големи промени во начинот на живот, во денешно време се и почести и повеќе се зборува за нив.
Овој феномен уште во 1950 година го опиша психоаналитичарката Карен Хорнај. Таа го нарече „тиранија на треба“ – постојан внатрешен глас што ни диктира што сѐ мораме да направиме. Треба уште една диплома, уште еден проект, уште едно докажување… Тоа води до нереални самоочекувања и постојана самокритичност.
Ретко кој оди на доктор и вели: „Јас сум перфекционист, помогнете ми!“ Наместо тоа, луѓето најчесто се жалат на хроничен замор, исцрпеност, анксиозност без очигледна причина. Она што ги довело до таа крајност е начинот на размислување и однесување.
Најчестите знаци на перфекционизам:
- Прекумерна самокритичност – Перфекционистите никогаш не се задоволни од своите достигнувања.
- Страв од неуспех – Ако не можат да направат нешто совршено, често го избегнуваат.
- Фокусирање на детали – Може да заглават во ситници и да станат неефикасни.
- Црно-бело размислување – Или е совршено или е неуспех, нема средина.
- Тешкотии при делење на задачи – Веруваат дека никој друг нема да ги исполни нивните високи стандарди.
- Ниска самодоверба – Самопочитта им зависи од постигнувањата.
- Исцрпеност и прегореност – Постојаното достигнување нови успеси води до замор.
- Проблеми во меѓучовечките односи – Очекуваат и другите да ги исполнуваат нивните совршени стандарди.
Зошто се случува ова?
Во идеално сценарио, би било одлично да можеме да ги исполниме сите наши цели без грешки. А, тоа е возможно само ако имаме внатрешна стабилност – чувство на ред и мир кое доаѓа одвнатре. Кога го немаме тоа, го бараме надвор. Така, луѓето стануваат ригидни, неприлагодливи и влегуваат во конфликт ако нешто не оди по планот.
А животот… па, животот е жив. Се менува, не оди по план, а технологијата само го забрзува овој процес. Денес, повеќе од било кога, се случуваат непредвидени промени. Да се обидуваме да одржуваме ригидност изгледа невозможно, што води до анксиозност, стрес и прегореност.
Решението? Ослободување од стресот
Во основа, перфекционизмот е само една форма на стрес – преоптоварување на нервниот систем.
Како да го елиминираме? Со одмор. Но, не било каков одмор. Сонот, колку и да е важен, не е доволен за да ослободи длабок стрес. Потребно е нешто подлабоко – нешто што ќе му овозможи на телото да се ресетира. Трансценденталната медитација е еден од најдобрите начини да се постигне ова.
Трансценденталната медитација не само што ни помага да се ослободиме од стресот, туку ја подобрува нашата ментална јасност и стабилност.

Како да ја искористиме нашата енергија најдобро?
Оној што знае да ја користи својата енергија оптимално е гениј. Гениј не е само некој што ќе измисли нова математичка формула или софтвер. Гениј е и мајка која, и покрај стресниот ден, знае како да го сослуша и утеши своето дете. Тоа се вистинските гении што најмногу ни требаат– луѓе кои го користат својот потенцијал во секојдневието.
Не е поентата да се откажеме од напредокот. Напротив! Но, наместо да се уништуваме со немилосрдна самокритичност, можеме да пристапиме попаметно – со поголема рамнотежа. Кога сме смирени, кога не сме под стрес, правиме помалку грешки. Работите одат полесно, а ние сме посреќни.

Затоа, она кон што треба да се стремиме е внатрешна уреденост и стабилност што ќе ни даде неограничена флексибилност однадвор. Наместо да се плаши човек од промени, почнува да го прави најдоброто од нив. Тоа го нуди редовното практикување на Трансцендентална медитација преку ослободување на стресот од нервниот систем и зголемена кохеренција помеѓу различните делови од мозокот. На тој начин се исправуваат погрешните мисловни процеси и шеми на однесување.


М-р Мартина Сотировска, сертифицирана учителка по Трансцендентална медитација.
Дознајте како Трансцендентална медитација може ви помогне да го подобрите квалитетот на животот.
Закажете вашето бесплатно воведно предавање денес.